21/01/2019

Едукативниот курс по ИМПЛАНТОПРОТЕТИКА во три модули

Почитувани колеги,

Ни претставува огромна чест, а воедно и задоволство да Ве поканиме и да Ви го претставиме Едукативниот курс по ИМПЛАНТОПРОТЕТИКА во три модули.
Едукативниот центар ОртоДента Eс повеќе години практикува едукација на доктори на принцип “Expert to expert”. Овој едукативен настан е наменет за сите дентални професионалци кои се насочени кон денталната имплантологија, односно е наменет за доктори по стоматологија и дентална медицина, доктори специјалисти по протетика и орална хирургија и забни техничари.

Современата дентална имплантологија повеќе од било која друга стоматолошка дисциплина чекори со крупни чекори во свое секојдневно осовременување и поедноставување. Бројните хируршки, протетски и технички аспекти на денталната имплантологија се прoменети од минатото до денес. Сè поголемата присутност на имплантологијата во стоматолошките ординации, но и во големите клиники и научни центри ќе овозможат нејзин поголем напредок во иднината, што е неминовно. Познавањето на тајните на имплантологијата и нивното применување во секојдневната стоматолошка пракса ќе Ви овозможи следење на современите дострели кои ги достигна стоматологијата во денешно време.

Интердисциплинарниот пристап и преплетувањето на знаењата од различните области како орална хирургија, пародонтологија, протетика и секако заботехничките лабораториски аспекти ја прават оваа дисциплина уште попредизвикувачка за совладување. Внимателниот избор на теми, како теоретски основи и практични вештини со кои ќе навлезете во современата имплантологија, го прави овој едукативен курс уште позначаен. Се надеваме дека трите понудени модули ќе го привлечат Вашето внимание и ќе овозможат да ја внесете имплантологијата и протезирањето над неа во секојдневната стоматолошка пракса. Една од главните цели на овој наш едукативен настан би бил подобрување на клиничкото знаење и вештини кај стоматолозите, претставени на едноставен начин за да се постигне естетско совршенство во устата на пациентот. Со текот на годините сфативме дека приоритет се различните специфични вештини во терапијата со импланти и протетските контрукции на нив.

Секој од следните модули ќе овозможи отворање на нови хоризонти од современата имплантологија, а со тоа сметаме дека ќе Ви донесе отворање на нови современи видици и аспекти во Вашата секојдневна работа. Со овој курс се надеваме и дека најновите научни истражувања за хируршките и протетските протоколи ќе бидат воведени во Вашата секојдневна стоматолошка пракса.

Согледувајќи ја потребата за посоодветен и поконципиран пристап кон изучувањето на денталната имплантологија, за прв пат на Балканот, ви нудиме едукација која е склоп од следниве три модули:

МОДУЛ 1:
ПЛАНИРАЊЕ И ПОСТАВУВАЊЕ НА ИМПЛАНТОТ.

Првиот чекор при поставување на импланти се состои од вградување на имплантот во виличната коска преку хируршка процедура. Денталниот имплант го заменува коренот на забот и бара доволно време за негово прифаќање од страна на човечкиот организам. Коскените клетки (остеобласти) ги пополнуваат просторите околу самиот имплант и истиот го прицврстуваат. Затоа потребно е да го оставиме имплантот во коската 3-6 месеци, пред истиот да го оптовариме, со цел да овозможиме комплетна остеоинтеграција и стабилност на истиот.
Теоретскиот дел од курсот се состои од проучување на индикациите и контраиндикациите за поставување на импланти, проценка на можностите кај соодветниот пациент за поставување на имплант, количината на зачувана коска, типови на инцизии, протетски водена имплантација, можни компликации. Практичниот дел опфаќа имплантација во бочната регија и естетската зона, како и справување со можните пројавени компликации.

МОДУЛ 2:
ПЛАНИРАЊЕ НА КОНСТРУКЦИЈАТА.

Вториот чекор се состои од поставување на абатменот кој претставува конекција помеѓу имплантот локализиран во коската од една страна и коронката или протетската конструкција која ќе биде видливиот дел во устата на пациентот од друга страна. Теоретскиот дел од курсот се состои од тоа како да избереме најсоодветен тип на конструкција над абатменот, како и да одредиме на кој начин имплантите ќе бидат оптоварени. Практичниот дел опфаќа земање на отпечаток со трансфер и планирање на индивидуален абатмент.

МОДУЛ 3:
ПОСТАВУВАЊЕ НА ГОТОВА ПРОТЕТСКА ИЗРАБОТКА.

Третиот и краен чекор се состои од поставување на коронката или протетската конструкција над абатменот. Овој стадиум е доста значаен. Најпрво заради естетскиот момент и начинот на кој истиот ќе биде прифатен од страна на пациентот, а од друга страна поради инструкциите кои треба да му ги дадеме на пациентот за грижа околу имплантот кој го има во устата. Теоретскиот дел од курсот се состои од опис на начинот на поставување на готовата протетска конструција, како и објаснување на целиот протокол кој треба да се почитува постоперативно. Практичниот дел опфаќа поставување на протетската конструкција и разговор со пациентот за понатамошната грижа околу имплантот.

Водители на курсот ќе бидат Др. Слободан Ѓеоргиев, специјалист по Орална Хирургија и Др. Виктор Стефановски, специјалист во областа на Стоматолошката Протетика.

Котизацијата за секој од модулите изнесува 400 евра во денарска противвредност. За учесниците кои ќе учествуваат во целост на сите модули, постои попуст на целиот курс и котизацијата изнесува 1000 евра во денарска противвредност.
Сертификат се дава на секој модул засебно.
Бројот на учесници е ограничен.

Побрзајте, пријавете се и вложете во себеси и својата иднина.
За подетални информации обратете се на телефонските броеви 078 284 783, 078 425 327 или на меил boban.stojanoski@ortodentaes.mk и olivera.terzieva@ortodentaes.mk.

Настани, Новости